Туризам и места за посета | Туризам и места за посета |
|
| Напишано од Драган | |
| 13.01.2007. | |
Можеби мала по население, но голема по површина, со прекрасни предели кои може да ги посетите доколку се досадувате во домашен амбиент и вистинска прилика за оние што не се од Вратница да се запознаат со нашите убавини.Доколку сте љубител на вода, може да одите на прекрасното Ливадичко езеро на околу 2000 m надморска висина кое што е богато со езерска пастрмка стара повеќе од 20 години. Можете да го посетите и малото езеро во Сенокос, како и езерото во Голина на кое секоја година се одржува турнир во риболов. Тука е и нашата река Раќита со неколкуте водопади и се разбира воденицата (Ѓурќина воденца) покрај која што се прават прекрасни излети. Додека сме кај водите, да ги споменеме и големиот број на извори во Цкало, Долна река, големиот број ливадички и љуботенски извори, и секако Ајдучко чешмиче на Љуботен. Љубителите на цркви и споменици може да ја посетат црквата Св. Петка (најголема од селските цркви во Полог), малото црквиче во дворот на Св. Петка кое е обновено од страна на Ратко Чупе и манастирот Св. Константин и Елена во Честодубје кој моментално е во изградба. Покрај цркви, во Вратница има и неколку споменици и тоа: во Вуклево, во близина на основното училиште „Симче састовски“, на патот Тетово - Јажинце кај фабриката ИГМ - Вратница, во дворот на црквата Св. Петка и други. Се разбира тука е и Вратничкото Кале кое е многу оддалечено од населениот дел и се наоѓа во долниот дел на Вратница, во близина на с. Орашје и реката Вардар. Поради воениот конфликт од 2001 год. во последно време ова место е слабо посетено од безбедносни причини. Доколку сакате да одите на лов или планинарење или пак само да уживате во природните убавини, мора да се искачите на Шар Планина која во зависност од периодот од годината, ќе ве задоволи со снег, сонце, можеби дожд, но секако печурки, малини, капини, јагоди, боровинки, костени и преубави диви животни. Интересни места се Вуклево, викендиците во Бучје и Сенокос и двете покрај патот за Љуботен, љуботенските и ливадичките бачила, планинскиот дом на Љуботен, сандарска бука (за оние кои не знаеле, тоа е едно од најубавите дрва во Македонија), потоа Козја карпа, Љуботенска шија и планинскиот врв Љуботен (2496 m). Тука да не ги заборавите и ливадичките предели, Камче и Голем камен. Доколку одите низ вратничкото поле мора да го посетите местото каде што некогаш постоел базен и фудбалско игралиште (Редеш), потоа рекичката во Ракоац кој порано била богата со ракчиња, вратничкото Лозје кое се наоѓало во Голина (под езерото). Доколку планирате да правите излет, изберете ги ливадите од „Мотел“ до „Габар“ и поминете незаборавно. За крај да го споменеме и центарот на Вратница (сред-село) кој беше реновиран од Месната Заедница во изминатите години. Доколку сум испуштил нешто, или ако Вие знаете некое интересно место кое го нема тука, можете да оставите коментар тука. |
|
| Последно ажурирање ( 23.05.2007. ) |
| Нема пријавено настани за оваа недела. |