Вратница во лето | Вратница во лето |
|
| Напишано од Саше Антиќ | |
| 13.01.2007. | |
Вратница во лето... Еее, за оваа тема може да се пишува на долго и на широко. со, овде ќе ги наведеме во мали црти, сите оние нешта што ја одразуваат Вратница за време на летниот период.Почнувајќи од јуни па таму некаде до средината на септември, Вратница врие од луѓе. се само што врие од луѓе, ами и од високи температури, убави девојки, на некому му врие во глава .. :) Летната шема во Вратница е следна: Некаде околу 10:30-11:00 часот предпладне се собираат групи момци и девојки, како и повозрасни жители на Вратница и правец Ракита (Вратничка река, или како што овде ја викаме - Раќита). Таму секој има слобода да прави што сака, но највообичаено е капењето и сончањето. Најмногу е посетено местото наречено Цкало, каде што од многу одамна постои традиција за изградба на вир (витал). Тоа се наоѓа на околу 15-тина минути одење по течението на Ракита почнувајќи од Мотелот во Вратница. Цкало изобилува со убави карпи за сончање, а богами и со симпатични девојки, кои придонесуваат за надополнување на севкупниот впечаток. Малку погоре од виталот во Цкало се наоѓа и еден извор со ледено студена вода. Ако сте љубител на природата тука може да наидете на многу интересни пејсажи. Одејќи погоре од изворот, можете да ги видите прекрасните водопади на Ракита, или пак местото каде се влеваат Ливадичка и Љуботенска река и ја образуваат Вратничка река. На река остануваме додека не ни се пријаде :), значи до некаде 15-16 часот попладне и потоа полека се спуштаме кон Вратница, одиме дома. После мала починка од „уморот на река“, некаде околу 18-18:30 сите се упатуваат накај школскот двор на Основното Училиште „Симче Настовски“. Тамошните случувања се една голема приказна која тешко е да се опише со зборови. Бидете ова лето во Вратница, па ќе ја почувствувате атмосферата. Три спортски игралишта (за фудбал, кошарка и одбојка), нон стоп исполнети со спортисти; трибини полни со спортисти кои чекаат „боља“ (некој да изгуби натпревар па тие да влетаат на терен), со „мрзеливи полу-спортисти“ кои се на границата меѓу спортисти и трач мајстори, и трач-махери кои гледаат сеир и си потпевнуваат некоја песничка под мустаќ. На фудбалскиот терен се водат вистински битки, а најуспешни се покажуваат екипите од Вратница и Беловиште, иако знаат да победат и Рогачевчани, Стареселци или Одрани. На кошаркарскиот терен обично не се игра вистинска кошарка на два коша, туку баскет и тоа на еден кош со по две екипи со 3 играча. Најдобри се Вратничани и тоа во состав: Саше Чале, Саше Антиќ, Мире Шофер, Горан и Мише Дангала. Овие петмина се менуваат од игра во игра, зависно дали некој е повреден, има работа на поле, или брка девојки низ школскиот двор. Единствени достојни противници им се Белојштаните: Сашо Ќисел, Маки и Славчо (овој последниов скоро замина за Америка). Одбојкарите се исто така активни и има да се видат навистина добри партии. Во школскиот двор има и друг вид на спортови и спортисти: скокање преку јаже, нишање на нишалка, „слушање музика у кола или ван кола за да се чуе кој има појаќи звучници“, јадење сливи од блиските сливови дрвја, млади мајки ги бркаат немирните синчиња и ќерки... итн... итн... Целата оваа фрка трае до некаде 21:00 навечер, кога сите се прибираат дома, за да се подготват за вечерното излегување. А, навечер кај се излегува во Вратница ?!! Повозрасните обично одат во бифето на ФК „Хајдук“, а младите се упатуваат кон кафе баровите „Jack Daniel's“ и „Анастасија Н.Г.“ каде преку лето гостуваат многу естрадни ѕвезди од македонската и exYU естрадата. Забавите и журкањето траат долго во ноќта, а се испреплетени со многу енергија, заводливи погледи, смеа... Кој ќе остане малку подолго вечерта, тешко дека ќе стане навреме наредното утро за да оди на река, па затоа ајде сите на спиење.. :) Оваа Вратничка шема со мали измени се повторува секој ден. Освен вообичаените дневни случувања во текот на летниот период има и повеќе спортски турнири, од кои би ги споменале оние во фудбал во Беловиште и Рогачево, како и мајските фудбалски турнири во Вратница и Старо Село. Неизбезно е да се напомене и излетот на Љуботен на 2-ри август, кога оваа планина е исполнета со многу љубители на природата. Целата летна брканица во Вратница трае до некаде средината на септември. Тогаш секој тргнува по патот кој го прекинал некаде во Јуни, за да пак долета во Вратница на почетокот на следното лето. За да го почувствувате мирисот на Вратница во лето - повелете посетете не. Ќе поминете прекрасно, незаборавно. |
|
| Последно ажурирање ( 24.05.2007. ) |
| 24.06.2009 | 22.30 |
| Eclipse-x In The Mix |